Владата треба да ги плати долговите на Македонската радио-телевизија, да изнајде ефикасен начин за поголема наплата на радиодифузната такса и да ги намали трошоците на јавниот сервис, а за да се направи тоа, потребен е политички консензус. Тоа е рецептот за излегување на МРТ од сегашната финансиска криза, порачаа првите луѓе на националните телевизиски куќи од Хрватска и од Босна и Херцеговина на вчерашната дебата “Каков модел на трансформации и треба на МРТ”, што се одржа во организација на партијата НСДП.
Уредникот на дневникот на Хрватската телевизија, Горан Милиќ говорејќи за искуствата во неговата куќа рече дека мора да се направат законски измени, што ќе овозможат висината на телевизиската претплата да се врзе со движењето на платите во земјава. Според него, таквиот начин вродил со плод во Хрватска, каде во моментов наплатата на радиодифузната такса е дури 92 проценти.
– Состојбата во која се наоѓа македонскиот јавен сервис може да се реши за 24 часа, но само кога би имало политичка волја. Секоја телевизија мора да биде финансиски стабилна, односно да има сигурни извори на финансирање. Запрепастен сум од ниското ниво на наплата на радиодифузната такса, кое изнесува 20 проценти. Ситуацијата нема да се промени ако не почнете судски да ги гоните неплаќачите. Не треба да се дозволи една државна телевизија која има инфраструктура, архива и искуство, да се најде во ваква ситуација каква што е денеска – нагласи Милиќ, кој на колегите од МРТ им порача со квалитетна програма да ја поттикнуваат гледаноста и како сериозен сервис да не се користат со сензационализам.
Генералниот директор на Федералната телевизија на БиХ, Јасмин Дураковиќ рече дека спасот на МРТ е во правењето на домашна продукција и овозможување на јавниот сервис исти маркетиншки услуги како за другите комерцијални телевизии. Мишел Волеферт од Франција повика максимално да се намалат трошоците, а во тоа МРТ да ги искористи искуствата од соседните земји.
На трибината се огласи и вице премиерот Живко Јанкуловски кој рече дека Владата не може да се согласи дека МРТ е во изумирање.
– МРТ е првиот радиодифузен сектор зад кој стојат еминентни имиња и наша должност е да им се дозволи да си го повратат дигнитетот на професијата – порача Јанкуловски. (С.Бл.)