Премиерот Владо Бучковски им ветил на винарските визби дека Владата ќе посредува во обезбедувањето на капацитети за прифаќање на вишокот винско грозје од годинашната реколта. Како што изјави по средбата во Владата, Ѓорѓи Бајваџаков од винарската визба “Повардарие” од Неготино, станува збор за 30 до 35 милиони килограми винско грозје кое помалите винарии во земјава не можат да го откупат, па се очекува целиот притисок да падне токму на “Повардарие” и “Тиквеш”.
Градоначалникот на Кавадарци, Панчо Минов изјави дека на Бучковски му било предложено веднаш да се стават во функција капацитетите на велешки “Лозар”, “Винојуг” и на “Повардарие”, бидејќи грозјето ако не се прифати во наредните десет дена, потоа ќе биде доцна.
– Годинава има поголем род од вообичаеното, меѓутоа грозјето не смее да се остави да скапува. Оние производители кои имаат склучено договори со “Тиквеш”, парите ќе ги добијат до Нова година. Но, за да се прифати вишокот грозје, потребно е тука државата да им помогне со поволни кредити, бидејќи обезбедувањето на прифатни капацитети, тоа мора некој да го исфинансира”, вели Минов.
Винарите побарале државата да им даде бескаматни или кредити со ниска каматна стапка, за што Бучковски им ветил дека ќе биде разгледувано веќе на наредната владина седница. Ако се обезбедат тие пари, во “Тиквеш” и во “Повардарие”, велат дека има расположение да биде прифатен вишокот винско грозје.


Светлана БЛАЖЕВСКА