По извонредно интересниот трет ден на модната недела во Скопје, во четвртиот ден страстите никако да се смираат. А, како би се смириле кога завчеравечер, на модната писта, ја видовме контроверзната колекција на Љупка Ристовска и максимално провокативните модели на долна облека од модната куќа Тренд. Помеѓу овие две ревии, своите нови колекции на 23-метарската писта во петтата хала ги претставија и модните куќи Саш, Гас, Тди и Том Тејлор. Ревијата која предизвика најмногу интерес, барем кај нас новинарите, беше на креаторката Љупка Ристовска. Имено, оваа колекција била заеднички работена од Љупка и Јана Манева Чуповска, но поради некои недоразбирања меѓу нив Јана го откажа настапот на модната недела. Поради тоа што ревијата беше претставена како дело на креаторката Љупка, Јана поднесе тужба. Но, сепак многу врева за ништо! Просечни креации, а впечатокот да биде токму ваков се погрижија и “манекенките”, кои не можеа достојно да ја претстават колекцијата на двете скарани креаторки. Но, и покрај благата здодевност, многубројните гости останаа до самиот крај очекувајќи ја ревијата на долна облека од грчката модната куќа Тренд. И упорноста се исплатеше. Видовме секси, отворени, со разни апликации и во различни бои танга гаѓички и корсети, кои повторно ги презентираа странски манекенки. Додуша, заедно со босанските манекенки настапи и нашата Барбара Ефремовска, која како и секоја година професионално си ја заврши работата. Вечерва, со ревиите на Кара и дечињата на Спенс модерна завршуваат шесте “Пежо модни денови”. (А.Н.) Фото: Д.Андоновски