Групната фаза од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, најверојатно ќе остане само сон за репрезентативецот на Македонија и стандарден првотимец во дресот на Марибор, Агим Ибраими. Првата пресметка со претставникот на Чешка заврши со сигурен триумф на домаќинот Викторија од Плзен од 3:1, а нашиот интернационалец настапи до 88. минута од натпреварот, кога резултатот беше 2:1.

Победник немаше само на натпреварот во Ајндховен, каде ПСВ и Милан одиграа 1:1. Сепак, италијанскиот калчо гигант направи еден голем чекор кон зацртаната цел, пласман во групната фаза и тоа пред верните фанови на “Сан Сиро”.
– Имавме големи проблеми на стартот од натпреварот, немавме контрола врз топката и му дозволивме на противникот да создаде неколку шанси. Во второто полувреме имавме подобра контрола врз топката и одлично се браневме. Штета, создадовме неколку чисти шанси, можевме да победиме. Се е отворено во овој дуел, се ќе биде познато после реваншот во Милано. Се ќе беше поинаку ако победевме, изјави по натпреварот тренерот на Милан, Масимилијано Алегри.
Реванш дуелот во Русија треба да биде чиста формалност за фудбалерите на Зенит, кои одиграа маестрално во Португалија и многу полесно од очекуваното со убедливи 4:1 го победија, а најверојатно и елиминираа тимот на Пакос Переира.

Многу блиску до нов историски успех е и дебитантот во Лигата на шампиони, тимот на Реал од Сосиедад кој успеа со 2:0 да слави на гостувањето во Лион.
Резултати: Шахтјор Караганди – Селтик 2:0, Викторија П. – Марибор 3:1, ПСВ – Милан 1:1, Лион – Сосиедад 0:2, Пакос Фереира – Зенит 1:4.