Организацијата „Викиликс” објави документи, кои сведочат за голема американска економска шпионажа на Франција.

Според „Викиликс”, материјалите, што ги објави во весникот „Либерасион” и интернет страницата „Медиапар”, покажуваат дека американската Агенција за национална безбедност (НСА) прислушувала високи француски функционери и собирала информации за договори за извоз на Франција во период од 10 години.

Меѓу шпионираните официјални претставници биле поранешните француски министри за финансии Франсоа Бароен и Пјер Московиси во периодот меѓу 2004 и 2012 година.

Други материјали покажуваат дека меѓу 2002 и 2012 година НСА собирала информации за француски договори за извоз во вредност од над 200 милиони долари во областа на телекомуникациите, енергетиката, транспортот и здравството.

Минатата недела „Викиликс” соопшти дека Агенцијата за национална безбедност ги прислушувала и последните тројца претседатели на Франција, поради што Париз испрати протестна нота до Вашингтон, наведувајќи дека ваквото однесување кон сојузници е неприфатливо.