“Визуелно ало” и кај нас
Вчера беше отворен специјален салон за висока технологија на “Телеком” и “Мобимак”, кои на своите корисници им ги ставаат на располагање најновите светски технолошки решенија во телекомуникациската сфера, од фиксната и мобилната телефонија, интернетот и деловните комуникациски решенија. Во салонот, кој ќе биде отворен секој работен ден од 10 до 20 часот, посетителите ќе имаат можност да го видат и еден од револуционерните уреди за дигитализација на видео сигнали – Телестрим (видеотелефонија) кој овозможува разговори преку фиксен телефон, при што на соговорниците им е овозможено да се гледаат на екранот од апаратот. Ваквите апарати преку кои вчера беше демонстрирана оваа услуга која наскоро ќе биде достапна на корисниците во земјава, веќе се пуштени во продажба по цена од околу 80.000 денари. “Македонски телекомуникации” се стремат да бидат високо професионална компанија која е во постојана потрага по нови начини и методи како уште повеќе да се приближи до корисниците и нивните потреби за модерни и современи телекомуникациски услуги – ‘хај тек'”, истакна главниот извршен директор на оваа компанија, Атила Сендреи на отворањето на заедничкиот, со “Мобимак”, изложбен салон за висока технологија лоциран во административната зграда на “Телеком”. За главниот извршен директор на “Мобимак”, Рубин Заревски, постоењето на ваков салон на најдобар начин покажува дека и двете компании се посветени на развојот следејќи ги највисоките светски стандарди и технолошки иновации во телекомуникациите. (С. Бл.)