Видни членови од ВМРО ДПМНЕ, како од едното, така и од другото крило (но и оние помеѓу), како што се дознава, парите “заработени ” додека беа на власт, ги имаат инвестирано во имот во Хрватска. И тоа не само во куќи за одмор, туку и во обработливо земјиште, најмногу во околината на Ровињ каде имало доста Срби, кои заминале од Хрватска и земјата ја продавале релативно евтино. Во агенциите за недвижности во овој град се зборува дека овие наши државјани наводно воделе и конкретни разговори со познатата словенечка куќа “Меркатор”, која има намера да изгради трговски центар во Ровињ, и тоа за производство на марули, кои на големо се барани во Хрватска, но не знаат да ги одгледуваат под пластеници како во Македонија. Во разговорите, исто така, станало збор и за производство на ајвар на традиционален македонски начин. Односно, од Македонија би се увезувала “куртовска капија”, која таму би се печела, лупела и би се добивал квалитетен ајвар. Ваквиот бизнис очигледно би требало да им биде отстапница доколку не успеат да се вратат на власт, или ако токму тие не бидат повторно во “игра”.