Стотина мртви тела биле пронајдени во камиони во близина на еден погребален дом во Њујорк, откако соседите се пожалиле на смрдеата што се ширела од возилата, во која труповите најверојатни биле со недели, пренесува „Ен-би-си њуз“.

Жителите на Бруклин Флетландс се обиделе да ја игнорираат смрдеата, но во средата конечно била повикана полицијата да го испита нејзиниот извор. Тие откриле 100 трупови во распаѓање во четири камиони во погребалниот дом „Ендрју Т. Клекли“.

„Тие растоваруваа тела. Имаше тела на целиот под во погребалниот дом. Ги извадија еден по еден, од нив капеше крв“, изјави еден локален жител,  додавајќи дека видел како погребалните работници ги преместувале труповите без маски или ракавици.

Општинскиот претседателот на Бруклин, Ерик Адамс, рече дека пристигнал во објектот Клекли во средата вечерта за да види како изгледа местото на настанот, а улиците биле затворени додека полицајците вршеле преглед на камионите.

„Се чини дека камионот бил полн. Тие се обидоа да користат сканија како резервна опција“, рече Адамс, додавајќи дека ова е трауматизирачки за членовите на семејствата.

Њујорк веќе некое време е најголемото жариште на Ковид-19 во земјата со повеќе од 164.000 заразени и околу 18.000 смртни случаи, покажуваат податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“. Здравствената криза предизвика абнормално оптоварување на градските мртовечници и погребалните домови, во кои многу брзо снемало простор за складирање на телата.

Иако Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) обезбеди камиони-ладилници како мртовечници, некои објекти сè уште се борат да се справат со приливот на починати.

Сопственикот на објектот им кажал на властите дека сторил се за да се справи со огромниот прилив на трупови, обидувајќи се да ги натовари камионите со мраз, но тоа немало ефект. Иако добил две казни за неправилно складирање, сопственикот не се соочува со кривични пријави.Полицијата соопшти дека телата биле пренесени во камион-ладилник подоцна во средата, но додаде дека не е јасно колку од нив биле починати од коронавирусот.

извор: Makfax