Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција уште еднаш ја повика владејачката коалиција како и СДСМ да го повлечат законот за јазици, затоа што станува збор за закон кој е далекусежен, закон кој што е комплексен и закон кој што ги засега огромен број институции во Република Македонија.

„Со жалење можеме да констатираме дека владејачката коалиција предводена од СДСМ досега не ги слушна, немаше слух и немаше сенс за барањата, апелите на ВМРО-ДПМНЕ, но и огромното мнозинство на граѓани,  како и огромен број на експерти кои што бараа повлекување на Законот за употреба на јазиците“, рече Ѓорчев.  Тој апелираше владејачкото мнозинство предводено од СДСМ да го повлече овој закон, да се формираат работни групи, да се консултира експертската јавност, да се видат меѓународните искуства и во атмосфера на заемни консултации, во атмосфера на политички дијалог да севвиди кои решенија се  најдобри.

„Би сакал да нагласам една работа ние сме едноставно подготвени да дискутираме за зголемен опфат и употреба на јазиците во Република Македонија. Истовремено не сакаме да се носат решенија кои што се набрзина подготвени. Не е добро во Република Македонија само во име на формирање на одредена политичка и партиска коалиција во цајтнот да се прават закони кои што се лоши, закони кои што се недоречени, закони кои што огромен број на луѓе не знаат како да ги толкуваат, ниту пак можат да ги разберат. Значи уште еднаш ајде заеднички преку дијалог, преку консултации, преку заемна соработка меѓу политичките партии да направиме текст кој што ќе биде заеднички прифатлив, текст кој што ќе биде добар за граѓаните, текст кој што ќе значи унапредување на правата, но истовремено и текст кој што ќе биде во рамки на Уставот“, рече Ѓорчев.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ бара и инсистира во Законот за употреба на јазици да се прошири употребата на помалите етнички заедници во Република Македонија, односно Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите и останатите. „Значи потребен ни е закон кој што ќе ги афирмира правата на сите во Република Македонија, а не кој што ќе носи кон флуаризација или пак разни толкувања кои што овие деновиги слушам во јавност“, додаде тој.

 

извор: Makfax