Грчките власти евакуираа детски летен камп, неформален камп за бегалци и мигранти, како и десетици домови поради шумски пожар. Пожарот избувна јужно од Атина, каде силните ветришта им го отежнуваат гаснењето на пожарот на пожарникарите.

Големиот шумски пожар избувнал денеска во југоисточна Атика, на подрачјето на градот Лаврио, на околу 60 километри од Атина, соопшти пожарникарската служба.

Во согласност со препораката на противпожарната служба, надлежните органи ги евакуираа жителите на четири населби, деца од блискиот летен камп „Акрогиали“ и неформалниот камп за бегалци и мигранти, кој е во сопственост на Министерството за развој.

Пожарот избувнал во близина на боровата шума во подрачјето на Понта Зеза во Лаврија, а силните ветрови ја зголемуваат можноста пожарот да се шири во шумата на Сунио, предупреди градоначалникот на Лавреотики, Димитрис Лукас.

На местото на настанот се испратени 49 пожарникари и 19 противпожарни возила, два противпожарни авиони и четири хеликоптери, јави Катимерини.

Мал пожар избувна и во област со мала вегетација на Пелопонез.Таму се испратени 27 пожарникари и 13 противпожарни возила, како и два авиони и еден хеликоптер.

извор: Makfax