Луѓето кои живеат во зградата во Аеродром вчера неколку часови стоеја пред својот влез и беше потребна брза интервенција, при што Армијата на Република Македонија реагираше на мое лично барање и замолница, рече скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, на новинарско прашање зошто припадници на АРМ биле ангажирани во текот на вчерашната операција поради остар мирис во првиот влез од зградата на булеварот „Кузман Јосифовски- Питу“.

Скопскиот градоначалник појасни дека градот нема многу законски надлежности во такви процедури и рече дека во земјава има два система за утврдување на токсини во воздухот.

„Едниот е во рамките на Центарот за управување со кризи и е сместен во Велес, а вториот е на АРМ и е сметен во касарната Патровец. За нас побрзо решение беше да се активира армиската единица“, изјави Шилегов и додаде дека на негово барање се дозволило присуство на единицата, која, како што рече, регистрирала зголемено количество на амонијак во критичниот стан од зградата.

Скопскиот градоначалник кажа и дека присуството на амонијак во воздухот не е наивна работа и додаде дека има многу случаи во кои луѓе починале откако влегле во шахти и септички јами каде имало присуство на овој гас.

Исто така, Шилегов додаде дека луѓето се жалеле на болки во респираторниот систем и штипење во грлото, а дел од децата биле евакуирани со гас-маски.

Колку за потсетување, дел од присутните лица пред зградата од каде беа евакуирани, за „Макфакс“ изјавија дека причината за смрдеата е нехигиена во еден од становите. Тие забележале мноштво употребувани пелени со измет, а пак, под скалите во зградата каде штопрестојувал бездомник имало 10-ина шишиња полни со урина.

извор: Makfax