Шест лица, од кои пет малолетници, загинаа, додека 35 се повредени во стампедо што се случило доцна синоќа на концерт во ноќен клуб во италијанското гратче Кориналдo во близина на Анкона, објави Би-би-си.

Меѓу загинатите три се девојчиња, две се момчиња, а шестата жртва е една возрасна жена. Несреќата се случила на концерт на италијанскиот рапер Сфера Ебаста во клубот „Lanterna Azzurra“ во кој имало околу 800 луѓе.

Властите соопштиле дека дванаесет од повредените се во критична состојба.

Од Противпожарната служба за агенцијата АНСА изјавиле дека публиката почнала да паничи и да трча кон излезот откако некој испрскал супстанца слична на бибер-спреј.  Очевидец на настанот рекол дека еден излез во случај на опасност бил заклучен кога се обидел да излезе. Властите истражуваат дали излезите во случај на опасност функционирале.

извор: Makfax