Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на првиот работен ден од преземањето на функцијата оствари средба со претставници на синдикатите во државата.

„Еден од Законите кои ќе го одбележат периодот на менаџирање со Министерството за труд и социјална политика ќе биде Законот за работни односи, како системски закон, кој последен пат е донесен 2005 година и иако до денеска има претрпено измени, покажа бројни слабости за проблемите со кои се соочуваат работниците“, истакна министерката.

Таа посочи дека во социјалниот дијалог ќе бидат вклучени и работодавачите како партнери.

„Во време во кое се соочуваме со корона кризата која има сериозен импакт и во економијата, приоритет на нашата Влада е зачувување на секое работно место и силна поддршка на компаниите како најпогодени од кризата”, нагласи Шахпаска.

Двете страни се согласиле на целосна соработката во периодот кој следува, низ дијалог, размена на идеи и решенија за предизвиците со кои се соочува оваа област.

извор: Makfax