Акробатот Ник Валенда уште еднаш успеа да го остави светот без здив. Со заштита на очите и дишење преку маска, за да ги заштити белите дробови, 41-годишниот Валенда преминал жица долга 550. метри над активниот вулкан Масаја во Никарагва, пренесува британски „Метро“.

Вулканот Масаја е еден од осумте светски вулкани кои имаат активно јадро и е познат како „Уста на пеколот“.

Неговиот неверојатен, но исто така и потенцијално смртоносен подвиг, светот можел да го следи преку телевизиската мрежа АБЦ, како дел од специјалот „Vulcano Live!“.

Сепак, не биле сите воодушевени од овој обид, бидејќи акробатот користел сигурносен појас додека минувал над вулканот. Валенда рекол дека безбедносниот ремен е едно од барањата на мрежата АБЦ, кои исто така го натерале да го носи појасот кога шетал на жица низ Тајмс Сквер минатата година.