Министерот за здравство, Венко Филипче, на собраниската седница посветена на пратенички прашања, истакна дека во изминативе две години издадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи и одобрени се повеќе од 900 специјализации за четири годишниот период.

„Со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита овозможивме сите млади лекари веднаш по полагањето на испитот за лиценца во Лекарската комора, да добијат платено работно место од 30 илјади денари. Да бидат едуцирани од своите постари колеги, со цел на навлезат во системот и да бидат примени без ниту еден фактор на дискриминација“, потенцираше министерот.

Филипче изјави и дека во континуитет се зголемуваат платите и дежурствата на здравствените работници, а приватните специјализанти за првпат се платени за својот труд.

„Приближно милијарда денари се вложени во платите, примањата и надоместоците на сите вработени во јавно-здравствениот сектор и уште толку, приближна сума се спрема да биде инвестирана во истото, платите да достигнат 100 илјади денари на докторите специјалисти“, рече тој.

Од собраниската говорница, министерот истакна дека зголемувањето на капитацијата не е само зголемување на примањата на матичните лекари, туку и имплементирање на сериозна реформа во примарното здравство.

„За две години воведовме 5 нови лекови за ретките болести. Сега имаме оригинални инсулини, со сертификат за квалитет. Дополнително, вложени се 100 милиони денари за двегодишен период. Се набавија две нови вакцини, против рота и пнеумокок. Вакцините против грип се во завршна фаза на набавка. Во периодот од неколку денови што следи ќе бидат бесплатно на располагање на пациентите од ризични групи“, нагласи Филипче.

извор: Makfax