Во регионалната депонија Дрисла денеска беа уништени околу 170 килограми разни видови дроги и психотропни супстанци кои потекнуваат од кривични дела, а за кои има правосилни судски пресуди.

Уништени се околу 128 килограми марихуана, околу шест и пол килограми хероин, околу 20 килограми хашиш, околу половина килограм кокаин, растенија и семки од канабис, како и амфетамини, потоа синтетичка дрога екстази и други прекурсори и психотропни супстанци.

„Во делот на сузбивањето на недозволеното тргување со дрога Министерството за внатрешни работи во континуитет презема интензивни оперативни мерки и активности. Годинава статистички гледано бележиме пораст на бројот на расветлени кривични дела од оваа област“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Според аналитичките податоци за периодот од почетокот на 2018 година заклучно со крајот на месец ноември откриени се вкупно 681 кривично дело од оваа област, а од нив 582 кривични дела се класифицирани како неоовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанци, за што пак кривично беа пријавени 674 сторители Останатите 99 кривични дела се подведени под казненениот член – овозможување на употреба на наркотични дроги“, и по однос на нив кривично пријавени се 104 сторители.

Во рамки на овие активности за сузбивање на трговијата со дрога откриени и запленети беа околу еден тон и 500 килограми марихуана, вклучувајќи ја и заплената од 515 килограми опојна дрога марихуана наменета за турскиот нарко-пазар што што завчера беше реализирана на ГП Богородица.

извор: Makfax