Таткото на британскиот премиер Борис Џонсон поднесе барање за француски пасош за да продолжи да ги одржува врските со Европа по брегзит, пренесува „Индепендент“.

Стенли Џонсон, кој гласаше да остане во ЕУ на референдумот, поднесе барање да стане француски државјанин бидејќи неговата мајка Ирина е родена во Версај.

Овој потег го откри сестрата на премиерот, Рејчел, во нејзината нова книга „Rake’s Progress“.

Рејчел рече дека нејзиниот татко е „на пат да стане француски државјанин, бидејќи неговата мајка е родена во Версај, а неговата баба во Париз“.

„Ова е добра вест – би можела да станам и Французинка“, додаде сестрата на премиерот.

Член на семејството изјавил за „Сандеј тајмс“ дека Стенли Џонсон поднел барање за пасош за да можат неговите внуци да живеат и работат во ЕУ по брегзит.

Минатата година Стенли рече дека „добивањето пасош е убава идеја“.

извор: Makfax