Судот во Лос Анџелес пресуди дека хитот на пејачката Кејти Пери од 2013 година „Dark horse“ е копија на песна на раперот Флејм од 2009 година.

Ваквата одлука е донесена откако пред пет години Маркус Греј и неговите двајца коавтори ја поднесоа првата тужба тврдејќи дека „Dark horse“ е украдена од песната „Joyful Noise“, која Греј ја објавил под уметничкото име Флејм.

Поротата сега треба да одлучи колкава казна ќе треба да плати Кејти Пери за авторските права.

Адвокатите на Греј рекле дека ритамот и инструментите во речиси половина од песната „Dark Horse“ се воочливо слични како оние во песната „Joyful Noise“. Адвокатите на Пери, пак, рекле дека деловите од песната за кои се расправа претставуваат вид на едноставни музички елементи кои ако би потпаднале под авторски права би ѝ наштетиле на музиката и на оние кои ја создаваат.

Пери и коавторите на песната пред судот рекле дека никогаш не ја слушнале песната „Joyful Noise“, а дека не слушнале ниту за Греј, како и дека не слушале религиозна музика.

Адвокатите на Греј покажале дека „Joyful Noise“ била многу пати пуштана во етер и дека Кејти и нејзините коавтори можеле да ја слушнат и како доказ приложиле дека песната била прегледена милиони пати на Јутјуб и Спотифај и дека албумот на кој се наоѓа бил номиниран за „Греми“.

„Dark Horse“ четири недели беше на врвот на Билборд Хот 100 листата на почетокот на 2014 година, а за неа Пери доби номинација за „Греми“.

извор: Makfax