Стотици противници на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху протестираа доцна синоќа пред неговата резиденција во Ерусалим.

Демонстрантите го повикаа Нетанјаху да си даде оставка, а мала група негови приврзаници се судрија со полицијата и новинарите.

Група млади облечени во црно ги пцуеја медиумите и нападнаа Палестинец кој е возач на автобус и двајца новинари во блискиот трговски центар.

ТВ Канал 13 објави видео на кое се гледа дека мажите пцујат и тепаат сниматели.

Како што е наведено, тие луѓе се дел од „Ла Фамилија“, екстремистичка група на поддржувачи на фудбалскиот тим „Беитар Ерусалим“, кој е упориште на „Ликуд“ на Нетанјаху. Полицијата соопшти дека уапсила најмалку осум лица.

Полицијата соопшти дека уапсила неколку лица поврзани со десничарско насилство претходно оваа недела.

Израелскиот претседател Рувен Ривлин апелираше до полицијата да ги гони сторителите на насилството „до целосно спроведување на законот“.

Илјадници луѓе, меѓу кои и многу млади Израелци, се приклучија на протестите во последните неколку недели, обвинувајќи го Нетанјаху за лошо управување со здравствената и економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус и велејќи дека тој треба да се повлече додека му се суди за корупција.

Иако демонстрациите беа претежно мирни, полицијата уапси десетици луѓе за нарушување на јавноста, а полицијата беше критикувана за употреба на прекумерна сила против демонстрантите.

 

извор: Makfax