Десетици демонстранти кои се спротивставуваат на уставните реформи и можноста претседателот Владимир Путин да ја води земјата уште 16 години, беа уапсени за време на протестите во Москва, пренесе „Ројтерс“.

Околу 500 демонстранти опкружени со полицијата, главно носејќи заштитни маски, излегоа на улиците со транспаренти против уставните реформи, барајќи од Путин да си даде оставка.

На референдумот одржан овој месец се изгласа усвојување на уставните реформи што ќе му овозможат на Путин да се кандидира за претседател во уште два мандати во вкупно траење од 16 години.

Опозициските активисти тврдат дека гласањето било нелегитимно и дека е време Путин да си даде оставка затоа што тој е на власт како премиер или претседател повеќе од две децении.

Во текот на минатата недела, полицијата уапси двајца активисти вклучени во кампањата против уставните реформи, а исто така, непосредно пред закажаниот протест, беа претресени становите на уште пет лица.

Во главниот град на Русија, масовните собири во моментот се забранети поради епидемиолошки мерки, но дури и во нормални околности, неопходно е претходно одобрување од власта за да се одржи протест.

 

извор: Makfax