Носителот на изборна единица 6, Дафина Стојаноска, ја посети општината Гостивар и порача дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе зпочне реализација на проектот еден денар за спортот и еден денар за културата од акцизите за нафта и нафтени деривати.

„Денешнава претпладневна агенда ја почнавме со организација на Унијата на жени на Гостивар и учествувавме во еден спортски марш. На овој марш жените на Гостивар дадоа поддршка за спортот и за младите. ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ‘Обнова’ се обврзува дека ќе издвојува еден денар за спортот и еден денар за културата од акцизите за нафта и нафтени деривати“, истакна Стојаноска.

Таа додаде дека тоа се оние акцизи коишто СДСМ за само три години владеење дури двапати ги покачи.

„Го трчаме последниот круг од нашиот марш до победата. И секој ден сме сè побројни и сè погласни, обновата доаѓа. ВМРО-ДПМНЕ победува“, порача Стојаноска.

извор: Makfax