Со новиот црн закон пензионерите, вработените и лицата кои имаат некаков хонорар, од Нова година нема да можат да продаваат на тезгите на зелените пазари. Забеганоста оди до таму што при почнатата црна спирала на поскапувања на горивата и лебот, сега законски се бркаат оние кои продавајќи на пазарите скромно го надополнуваат буџетот за корка поскапен леб, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Казната која што со оваа црн закон се предвидува изнесува од 1500 до 2000 евра. Внимание, од 1500 до 2000 евра ќе бидат казнувани лица кои излегле на пазарите за да извадат некој денар повеќе за корка поскап леб. Почитувани, никој, ама никој освен црната власт во својата забеганост, не гледаат причина зошто овие категории луѓе- пензионерите, вработените или хонорарци- не би можеле да тргуваат на зелените пазари“, вели Стоилковски.

Ваквиот закон, додаде тој, ќе ја зголеми сивата економија.

„При сè поскап живот, ќе се формираат диви пазари, како обид за обезбедување на подостоинствена основна егзистенција на народот. Тоа ќе создаде нови социјални проблеми на најранливата категорија граѓани во Република Македонија. Дополнително, во вакви услови на се потешко пласирање на земјоделските производи, овој чекор ќе им ја намали откупната цена“, рече Стоилковски.

Според него, оваа мерка е противуставна зошто според Уставот секому му е загарантирано право на работа и остварување дополнителен приход.

извор: Makfax