Пулмологот Бранимир Несторовиќ, член на српскиот Кризен штаб за справување со коронавирусот, вчера даде голем број контроверзни изјави и теории на заговор за коронавирусот, патување низ времето и за Никола Тесла, пренесува хрватски „Индекс“.

Гостинот на програмата на Прва ТВ, прво изјави дека е убеден дека нема да има втор бран на епидемија и дека вирусот нема да ги преживее летните температури.

Но, тогаш работите тргнаа во бизарна насока. Несторовиќ најпрво го бранеше ставот на тенисерот Новак Џоковиќ дека не треба да има задолжителна вакцинација против Ковид-19, а потоа се сврте кон Никола Тесла и патувањето низ времето.

Тој зборуваше за тајниот проект на Тесла, според кој предмети и луѓе би се испраќале во блиската иднина.

„За ова е снимен и научно-фантатичен филм, но тоа не е фантастика. Бродот се викал „УСС Елдриџ“, уништувач. Тој брод го испратиле шест часа во иднината. Експериментот не завршил добро затоа што повеќето морнари загинале. Звучи како чиста научна фантастика, но кој е љубопитен нека впише на Гугл „УСС Елдриџ“ и „Тесла“. Тогаш Тесла, која бил против продолжување на овие експерименти, ги прекинал истите и ја уништил целата документација. Сепак, некои теории на заговор велат дека не ја уништил баш целата и дека голем дел од неа всушност завршил во рацете на вујкото на Трамп, познат физичар. Велат дека технологијата тајно се користи во Русија “, рече Несторовќ и призна дека е обожавател на теории на заговор.

Несторовиќ и претходно привлече внимание во регионот со своите изјави. За коронавирусот рече дека е најсмешниот вирус во историјата на човекот, кој постои само на Фејсбук. Тој исто така изјави дека жените поради естрогенот се заштитени од него и ги повика слободно да одат на шопинг во Трст. Само недела дена подоцна, во Србија беше воведен полициски час.

извор: Makfax