Пред две години, во меѓународно афирмиран процес ги обезбедивме трајните гаранции за македонскиот јазик и идентитет и нашето членство во НАТО и влеговме во последната фаза од процесот за членство во ЕУ, изјави премиерот Оливер Спасовски на настан по повод двегодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.

„Со договорот од Преспа од тотална изолација на меѓународната сцена, направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата за проширување на Европската Унија и добивме членство во НАТО. Тоа е најсилна гаранција за територијалниот суверенитет, гаранција за безбедноста и стабилноста. НАТО е најуспешната воена и политичка алијанса во историјата на светската цивилизација, а ние во неа сме рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните“, кажа Спасовски.

Тој рече дека во нашиот пат за членство кон НАТО и ЕУ, Грција сега не само што не не блокира туку и сесрдно го помага нашето забрзано интегрирање.

Спасовски информира дека привршува реализацијата на новиот граничен премин со Грција, Маркова Нога, во Преспа, дека е реактивирана железничката линија преку Битола, а во план е и отворање на дополнителен граничен премин со Грција, во граничниот предел на општина Кавадарци.

Спасовски кажа дека Преспанскиот договор е признаен и како модел за решавање и на други слични проблеми низ целиот свет.

„Тој е постигнување кое служи како пример за охрабрување и инспирација и за други лидери да донесат тешки, но неопходни одлуки за иднината на своите држави и на своите граѓани. Тој е голем влог во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста на нашиот регион, за зајакнување на регионалната соработка и пример за силната посветеноста на идејата за ЕУ и на европските вредности. Договорот од Преспа е модел за европско однесување, модел за Балкан достоен на 21 век, како рамноправен и неделив дел од Европската Унија, и сите ние треба да бидеме горди на тоа“, рече Спасовски.

извор: Makfax