Изборите минаа во мирна и фер атмосфера, како што и доликува на демократска и слободна земја, изјави првиот човек на МВР, Оливер Спасовски.  Министерот рече дека граѓаните уште еднаш ги демонстрирале својата зрелост и одговорност да одлучуваат за иднината на својата земја. Тој констатира оти изборниот ден поминал со незначителен број на неправилности, без нарушување на јавниот ред и мир.

„Им се заблагодарувам на сите припадници на Министерството за внатрешни работи кои што и овој пат како и пред две недели, одговорно ги извршија своите работни задачи, овозможувајќи целиот процес да се спроведе мирно и безбедно, согласно сите законски прописи“, рече Спасовски.

Досега, како што посочи, регистрирани биле три случаи на фотографирање на гласачко ливче. Првиот на избирачко место во село Другово, кичевско, вториот на гласачко место во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, а третиот во Неготино. Против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави. Министерот додаде дека евидентиран е и случај во Неготино каде едно лице при гласање на еден од параваните со пенкало испишал бројка, а пријавени биле четири случаи за наводно агитирање и по преземените мерки било утврдено дека пријавите се неосновани. Исто така евидентирани се и две пријави за организирано носење гласачи при што во едниот случај за избирачко место во Битола е утврдено дека пријавата е неоснована додека пак за случај во Кочани се превземаат мерки за расчистување на случајот.

„Доколку има други пријави, Министерството за внатрешни работи соодветно ќе ја информира јавноста. Значи, можам да констатирам дека имавме изборен ден со незначителен број на неправилности, без нарушување на јавниот ред и мир. Уште еднаш им честитам на граѓаните и институциите на одлично спроведените избори, како што и доликуваат на демократска земја како што е европска Република Северна Македонија“, рече Спасовски.

извор: Makfax