Квалитетната инфраструктура е многу значајна за економски раст и развој и е едно од клучните барања како на бизнисот, така и на граѓаните, рече премиерот Оливер Спасовски при денешната работна посета на општина Чучер Сандево.

Тој нагласи дека во општината се реализираат 4 проекти од Програмата за рамномерен регионален развој со вкупна вредност од над 9 и пол милиони денари.

„Тоа се проектот за разрешување на проблемите со поројните води на Скопска Црна Гора со посебен акцент на Општините Чучер Сандево и Бутел, потоа проектот за воспоставување на систем за следење на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопската котлина, кој е од особено значење за општината, проектот Реконструкција на примарна и секундарна водоводна мрежа за село Блаце, како и рехабилитацијата на дел од локалниот пат за село Блаце“, нагласи Спасовски.

Објасни дека денешната средбата е со цел утврдување на динамиката на тековните активности и проекти во општината кои се спроведуваат со поддршка на Владата.

„Оваа наша активност е во насока на нашата трајна и стратешка определба да овозможиме рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место“, посочи премиерот.

извор: Makfax