Силен и плиток земјотрес со јачина од 6,6 степени го погоди централниот дел на Филипините, принудувајќи голем број жители од областа да ги напуштат своите домови.

Едно семејство беше заробено во пропадна куќа, а оштетени се неколку куќи, ниски згради и пристаниште. Луѓето панично трчаа надвор од своите домови и засега е извесно дека починало едно лице, а четири се повредени.

Распукаа патишта и мостови во крајбрежниот град Катаиган, кој е најблизу до епицентарот, изјави администраторот на провинцијата Масбате, Рино Ревало.

Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија објави дека се очекуваат оштетувања и последователни земјотреси, но оти не постои опасност од цунами заради земјотресот, пренесува АП.

Филипините се наоѓаат во „Пацифичкиот огнен појас“, каде се појавуваат најголем број земјотреси во светот, а тајфуните и невремето се чести во оваа островска земја.

Земјотресот е регистриран на длабочина од околу 21 километар.

извор: Makfax