Протести се одржуваат низ цела Грција поради одлуката на Турција да ја претвори Аја Софија во џамија. Турција неодамна го поништи 86-годишниот статус на Аја Софија како музеј и од денеска е отворена за муслиманска богослужба. Во исто време кога беше отворена за верните, црковните sвона ѕвонеа во знак на жалост низ цела Грција, а знамињата беа спуштени на половина копје, пишува Еуроњус.

Поглаварот на грчката црква, архиепископот Јероним Втори го нарече претворањето од музеј во џамија „чин што му се спротивставува на Бога“, додавајќи дека денес е „ден на жалост за целиот христијански свет“.

Патријархот вечерва ќе отслужи посебна литургија, за време на која се очекува да ја пее православната акатистичка химна посветена на Дева Марија, молитва за која се верува дека за прв пат се отпеала во 626 година, како знак на благодарност до Дева Марија за заштита на Константинопол за време на османлиското царство.

Грчкиот премиер изјави дека она што се случува со Аја Софија не е „манифестација на моќ, туку знак на слабост“.

Денеска десетици верници и туристи кои дојдоа во Истанбул да присуствуваат на првата молитва во Аја Софија предизвикаа еден помал инцидент кога се пробија низ полицискиот кордон да се приближат до зградата.

Во исто време, мерките против ширењето на коронавирусот се запоставени. Илјадници верници и туристи ги окупираа улиците околу џамијата, а многумина спиеја во шатори недалеку од зградата.

извор: Makfax