Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ќе посети еврејска населба во Јудеја и Самарија (Западниот Брег) за време на својата посета на Израел следната недела, што го прави првиот државен секретар што го сторил тоа, тврди познат израелски новинар кој се повикува на израелски и американски официјални лица.

Официјални лица во Американската амбасада и во Тајната служба на САД прават планови за необичното патување до населбата Псагот северно од Ерусалим, објави Барак Равид на веб-страницата „Вала“ на хебрејски јазик и на „Аксиос“ на англиски јазик.

Таквата посета ќе означи драматично отстапување од политиката на САД, која сè до администрацијата на Трамп ги означуваше Западниот Брег и Голанската Висорамнина како „окупирани територии“.

Во јануари, Помпео го осуди долгогодишното правно мислење на Стејт департментот со кое еврејските населби на Западниот Брег беа прогласени за кршење на меѓународното право. Месеци порано, тој издаде поумерена декларација, во која се наведува дека САД повеќе не ги признаваат израелските населби како „неконзистентни со меѓународното право“.

Сè уште е нејасно дали посетата ќе се смета за приватна или официјална посета и не е јасно кој висок израелски службеник ќе го придружува Помпео до населбата, рече Равид.

Американскиот Стејт департмент соопшти дека посетата на Помпео на Израел, која ќе трае три дена, ќе претставува еден вид „посета на наследство“ за да се потенцираат клучните одлуки за политиката што ги донесе администрацијата на Трамп во однос на Израел.

Равид додаде дека за Помпео, посетата, најверојатно, има и лично значење пред можната претседателска кандидатура во 2024 година.

По пристигнувањето во Израел во среда, Помпео ќе се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху како и со алтернативниот премиер и министер за одбрана. Бени Ганц, министерот за надворешни работи Габи Ашкенази и со шефот на Мосад, Јоси Коен.

Помпео, кој ќе биде придружуван од својата сопруга, потоа ќе замине во приватна посета на христијанското место за крштевање „Каср ал-Јехуд“ близу Ерихон на Западниот Брег, кое се смета за трето најсвето место на христијанството.

Населбата Псагот е позната по својата винарија, која неделава се најде на насловните страници откако се обрати на суд против политиката на ЕУ за обележување производи направени од Израелци во населбите.

Еден од главните инвеститори на винаријата е еврејско-американскиот бизнисмен и сопственик на „Дјути фри Америка“, Симон Фалич, кој е донатор и на неколку политичари во Републиканската партија, како и на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Откако Помпео не го прифати меморандумот од ерата на Џими Картер, со кој сметаше дека населбите се нелегални, сопственикот на винаријата „Псагот“ именуваше нова серија вино по државниот секретар и му испрати кутија со вино.

За време на неговиот мандат како државен секретар, Помпео присуствуваше на настани организирани од Фалич, вклучувајќи го и евангелистичкиот самит во Де Моин, Ајова. Според блогерот Џоел Розенберг, Фалич го повикал Помпео на настанот да му помогне на Израел да го примени суверенитетот над Западниот Брег.

За време на својата посета, Помпео ќе ја посети и Голанската Висорамнина. Во март минатата година, претседателот Доналд Трамп објави дека САД ќе го признаат израелскиот суверенитет над стратешкото плато. Израелската влада одговори со најава за основање на нов град наречен „Трамп хајтс“.

Помпео во минатото отстапи од американската политика обраќајќи се на Националната конвенција на републиканците од Ерусалим. Тој исто така стана првиот врвен американски дипломат кој оствари официјална посета на Западниот ѕид во Ерусалим.

Во октомври 2017 година, амбасадорот на САД во Израел, Дејвид Фридман, присуствуваше на деловен форум во официјално својство во населбата Ариел на Западниот Брег, што беше прва ваква посета на претставник на американската влада. Левичарската група „Ј Стрит“ упати остри критики за присуството на Фридман.

„Со официјалното јавно појавување на настан во израелска населба на Западниот Брег, амбасадорот Фридман уште еднаш ја премина главната, долготрајна црвена линија на двопартиската политика на САД.  Администрацијата на Трамп продолжува да испраќа јасна порака за поддршка на движењето за населбите и за агендата на израелската десница “, рече тогаш попретседателот за владини работи на „Ј-Стрит“, Дилан Вилијамс.

извор: Makfax