Полициските службеници од СВР-Скопје во моментов обезбедуваат 215 лица со решенија за изолација, од вкупно 349 лица на целата територија на државата.

Исто така, полицијата во Скопје обезбедува и контролира 1.088 лица со наредби за самоизолација, што е речиси третина од вкупната бројка на самоизолирани лица на територијата на државата којашто во моментов изнесува – 3.787.

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, информира дека во изминативе 24 часа од извршените контроли над овие лица констатирано е дека на подрачјето на СВР Скопје едно лице не го почитувало решението за изолација, а петмина наредбите за самоизолација, додека пак на ниво на цела држава евидентирани се 27 случаи на непочитување на наредбите за самоизолација.

Министерот Чулев го изнесе и податокот дека од страна на припадниците на СВР Скопје во изминатите 24 часа извршена е контрола на вкупно 81 објект од кои три не ги почитувале одлуките на Владата и за истите е издадено предупредување. Вкупниот број на контролирани објекти на територијата на државата во последните 24 часа е – 462, од кои шест објекти не ја почитувале одлуката на Владата.

Заклучно до денес од страна на МВР против 47 лица се поднесени 39 кривични пријави, како и едно известување до надлежно обвинителство, повеќето врз основ на прекшување на членот 206 од Кривичниот законик, а во 12 од овие случаи и врз основа на членот 205 од КЗ на РСМ.

Денеска стапува на сила забраната за пристап на лица и возила на Водно во периодот од 18 до 06 часот, а ќе трае до престанокот на важење на ова ограничување, а се забранува и собирање на група од повеќе од пет лица во паркови и на други јавни места и јавен простор.

Чулев информира дека СВР Скопје, исто така превзема мерки и за засилување на контролите во приватните куќи и вили во околината на главниот град, во кои се организираат забави и собирања, со цел елиминирање на ваквите појави.

извор: Makfax