Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, преку видео-порака се обрати на состанокот на високо ниво „SDG Moment 2020“, на кој беше разгледан напредокот на реализацијата на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации на глобално и на регионално ниво, во контекст на пандемијата на КОВИД-19. Настаните во рамки на годинешната 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, поради пандемијата на КОВИД-19, се одржуваат виртуелно.

„ Чест е да се биде дел од оваа дебата, која се случува во мошне значајно, но сепак неизвесно време. Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 има сериозно влијание не само врз економијата, туку ги промени и нашите животи и навики до непрепознатливост. Во денешно време, потребата да се фокусираме на одржлив развој е уште поитна, а оваа сложена задача бара координирани реформи и темелна промена на начинот на кој ги дизајнираме нашите општества.

Во 2015 година се обврзавме „да не оставиме никој зад нас“ и се согласивме да ја спроведеме Агендата 2030, усвоена од земјите-членки на ООН. Нашиот фокус е подобар живот за сите граѓани, а нашите национални напори за одржлив развој се исто така усогласени со нашата клучна надворешно-политичка цел – членство во Европската унија.

Проценката за брза интеграција на целите за одржлив развој спроведена во 2019 година покажа дека 83% од националните стратешки планови за развој се усогласени со целите за одржлив развој.

Приоритетни цели за 2019-2020 година за Северна Македонија се: да се стави крај на сиромаштијата; да се обезбеди инклузивно и правично, квалитетно образование; да се промовира инклузивен и одржлив економски раст и пристојни работни места за сите, да се преземат итни активности за борба против климатските промени, да се обезбеди пристап до правдата за сите и да се изградат ефикасни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа.

Климатските промени и натаму остануваат предизвик. На Самитот во Париз во декември 2015 година, Владата се обврза да ги намали емисиите од фосилни горива за дури 36% до 2030 година во споредба со основното сценарио.

Презедовме мерки за производство на чиста, достапна и безбедна енергија, вклучително и зголемена употреба на сончева енергија. Аерозагадувањето останува предизвик за Северна Македонија и бара долгорочен, системски пристап, инвестирање во позелена економија за позелена животна средина.

Еднаквоста пред законот е приоритет за нас. Посветени сме да продолжиме со структурните реформи, да ги зајакнеме владеењето на правото и судскиот систем на кои ќе им веруваат мнозинството граѓани.

Во јули 2020 година го презентиравме првиот Доброволен национален преглед кој ги отсликува достигнувањата од Агендата 2030 и ги идентификува следните чекори за забрзување на спроведувањето на целите за одржлив развој во преостанатата Декада на акција. При изготвувањето на овој документ, соработувавме и сме благодарни за придонесот на агенциите на ООН во Северна Македонија, младинските организации, граѓанското општество, академските установи и стопанските комори.

Одржливиот развој не е само дополнителен план за светот. Агендата 2030 е обврска за нашите и идните генерации целосно да го искористат човечкиот потенцијал и да размислат за наследството што ќе го оставиме зад нас“ порача Пендаровски.

извор: Makfax