Претседателот Стево Пендаровски во Нови Сад, учествуваше и се обрати на 4. Регионален младински форум – претседателски панел. Осврнувајќи се на актуелната состојба на регионот, претседателот Пендаровски рече дека нашите општества може да напредуваат, доколку повеќе ги користиме домашните ресурси и потенцијал.Тој додаде дека регионот значително е зависен од меѓународна помош и тоа главно од помошта од Европската Унија и од НАТО.

Посочувајќи дека и во следната деценија регионот на Западен Балкан ќе биде зависен од она што ќе го понуди Европската Унија, претседателот Пендаровски повтори дека одлуката да не и се даде датум за преговори на Северна Македонија беше непријатна не само за Северна Македонија и за Албанија, туку и за целиот регион.

Во исчекување на прецизно дефинирана нова методологија којашто ја предложи Франција и евентуален старт на преговорите со Европската Унија, како што додаде претседателот Пендаровски, Северна Македонија, но и сите земји од регионот коишто чекаат датум за преговори или преговараат долго време, треба да ја зајакнат регионалната соработка.

„Ако ги имплементираме вредностите на Европската Унија во нашите земји, ќе можеме да ги задржиме младите во земјата. Младите можат да одат каде сакаат и тоа не може никој да им го забрани. Но ние, како одговорни политичари мора да им понудиме можност тука, дома да ја имаат првата шанса за да успеат. Само ако им го понудиме тоа, можеме да се надеваме дека ќе останат во своите матични земји“, заклучи претседателот Пендаровски на претседателскиот панел на 4. Регионален младински форум, којшто се одржува во Нови Сад, Србија.

извор: Makfax