Во организација на повеќе движења и здруженија, пред Собранието се одржа протест против, како што велат, антиуставниот и дискриминаторски закон за двојазичност.

Денешниот протест, како што порачаа, е сенароден предупредувачки протест, поради забрзано реализирање на антимакедонски политики во соработка со други големи центри на моќ. Тие обвинија дека во тој процес, македонскиот народ е ставен настрана.

„Тие го злоупотребуваат дадениот легитимитет и го користат правото на гласачот да одлучуваат против сопствениот народ и држава што е единствен уникатен пример во светот. Од денешниот протест сакаме да упатиме порака дека македонскиот народ нема никогаш да се помири со оваа состојба и во тек е потпишување на петиција, со која бараме пред се да престанат сите овие преговарања, договарања на шетата на македонскиот народ и македонската држава, и дека сите досегашни такви нелегитимни одлуки, закони, акти, договори и се што се носи од актуелната, нелегитимна власт, не ги признаваме и ги прогласуваме за невалидни“ рече Ана Бубинкова Михајловска претседател на здружението на граѓани „Преродба“.

На следните протести, кои ги најавија, ќе биде даден збор на самиот народ, за да си ги искаже своите ставови и мислења во однос на актуеланите случувања.
Како што порача Михајловска, сите здруженија на граѓани ќе стапат во коалиционо единство со народот, со цел преземање на судбината во свои раце и издвојување докрај на праведна битка, за сочување на вековниот идентитет, историја, култура, име и држава.

извор: Makfax