Околу триесет патници на индиска авиокомпанија доживеале крвавење од носот и ушите откако екипажот заборавил да го активира изедначувањето на притисокот во кабината.

Авионот на компанијата „Џет ервејс“ на лет од Мумбај до Џаипур со 166 патници и членови на екипажот, се вратил на пистата 45 минути по полетувањето, откако кај патниците се појавиле алармантни симптоми. Видео од настанот беше објавено на социјалната мрежа Твитер.

На снимката се гледа дека меѓу патниците владее „мртва тишина“ и дека сите носат маски за кислород.

„Панична ситуација поради технички проблем на @Jetairways 9W 0697 од Мумбај до Џаипур. Авионот се враќа назад во Мумбај по 45 минути. Сите патници се безбедни, вклучувајќи ме и мене“, напиша на Твитер еден од патниците на летот.

По итното слетување, патниците биле подложени на лекарски прегледи, а авиокомпанијата им се извини на сите патници за непријатностите, известува Си-ен-ен.

извор: Makfax