На лидерската средба покрај за здравствената и економска криза, да се усогласи и заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата од Бугарија, побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според потпретседателот на партијата, Александар Николоски, власта се обидува да го релативизира документот на Бугарија кој стана составен дел на одлуката на Европскиот Совет за Македонија, а со кој, како што рече, директно се подриваат темелите на македонската држава – тоа е македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ. Николоски вели дека до следниот состанок на Европскиот совет би можела да биде усогласена рамка за пристапните преговори, а бугарските услови да станат официјален дел од барањата на ЕУ.

„Доколку ова се случи последиците ќе се трајни и ќе ги врзат рацете на следните генерации за да не можат многу да направат ова да го променат. Не знам дали е свесен Заев и разбира дека последиците од неговите одлуки и националните катастрофи кои следуваат после нив се децениски. Тој гледа да се спаси од одговорност за криминалот, а можеби и од некоја уцена за која јавно го прашав дали ја има ама еве одбра да молчи, ама тие негови одлуки ја загрозуваат иднината на македонскиот народ. Тоа мора да се каже јасно и денес додека не е предоцна. За неколку месеци веќе може да е предоцна“, рече Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се изгради заедничка позиција во однос на бугарските барања, заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Двата документи, вели Николоски, треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој иден министер за надворешни работи, министер за внатрешни работи и министер одбрана, како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која политичка партија се.

извор: Makfax