Го повикуваме министерот Венко Филипче, јавно да потврди на македонските граѓани и на неговите пациенти дека, по завршувањето на неговиот мандат како министер за здравство, ќе остане барем 15 години да работи во јавното здравство, и дека нема веднаш по завршувањето на функцијата да продолжи да работи во приватна болница, изјави Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој обвини дека здравствениот систем во Република Македонија, од ден во ден сè повеќе станува приватен здравствен систем кој наместо кон пациентот единствено е ориентиран кон профитот.

„Таква е и последната идеја на комерцијалистот Зоран Заев и на министерот за приватно здравство, Филипче, за префрлање на државната детска кардиохирургија во приватна клиника, потоа давање на концесија на трансплантацијата на органи во приватни болници најавено како вид на јавно-приватно партнерство. И згора на сето тоа замислете, тие објавија тендер за т.н. физибилити студија за да се утврди дали треба да се приватизира и Итната медицинска помош и Домашната посета?“, рече Николов.

Тој обвини дека СДСМ и министерот Венко Филипче најавувале спречување на кризите со недостаток на лекови, а граѓаните секојдневно се сведоци на недостаток на лекови на рецепта после 10. во месецот.

„СДСМ и министерот, најавуваа укинување на економските директори и управните одбори на здравствените институции, и дека со овие средства ќе биде финансирано покачување на платите на лекарите и на здравствените работници. Денес сме сведоци дека економските директори се сменети само селективно, се назначуваат нови, а хонорарите на членовите на управните одбори се зголемени за повеќе од 30%. СДСМ и Филипче докажаа дека единствено се борат само за лично богатење и богатење на поединци од СДСМ. Сето ова претставува уништување на се што е создадено во јавниот здравствен систем. Министерот склучува договори во четири очи, работи на тендери и префлување на парите во приватните болници. Ништо друго и не го интересира“, обвини Николов.

извор: Makfax