Со победничкиот конгрес воведовме нови стандарди во политичкото делување, кои финишираа со еуфоричен, победнички, отворен, модерен концепт и настан на кој ја утврдиме изборната програма, кандидатските листи и ја донесовме одлуката за формирање на најголемата коалиција, порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со кандидатските листи за претстојните парламентарни избори и имињата кои се најдоа на нив.

„Ние сме најголемата коалициона структура, најразнолика во историјата од независноста до денес, која за прв пат храбро ги обединува и Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, Власите и другите заедници“, рече Николовски, додавајќи дека постапката за избор на кандидатите е водена по меѓународни стандарди, со интервјуа со голем број кадри кои не се членови на СДСМ, и со споредбени анкети за избор со кои СДСМ се држи до интересот и пораките што ги праќаат граѓаните.

Николовски истакна дека има некои детали во врска со кадровските прашања, пред се со коалиционите партнери, кои ќе ги објавиме во законскиот рок до поднесување на кандидатските листи во ДИК.

СДСМ е отворен, модерен, европски, посветен на интересите на граѓаните и воведува нови високи стандарди, кои се далеку за било која политичка партија, а особено за ВМРО-ДПМНЕ, истакна генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

извор: Makfax