Францускиот претседател Емануел Макрон се најде на мета на демонстрантите во исламскиот свет по изјавата по повод објавувањето на карикатурата на пророкот Мухамед.

Десетици илјади демонстранти во Бангладеш го нарекоа Макрон „сатанист“ и палеа негови фотографии, по што слични протести како вчера беа одржани и во Пакистан, Ирак, Турција и во Појасот Газа.
Иранскиот весник „Ватан-е емруз“ објави на насловната страница карикатура од Макрон како ѓавол, означувајќи го како антиисламист и тврдејќи дека „се видени француски екстремисти како го палат Куранот“.

Членовите на исламистичката група Ислами Андолон Бангладеш се приклучија на протестот во Дака, повикувајќи ги муслиманите ширум светот да ги бојкотираат француските производи.

Демонстрантите од групата што се залага за воведување на исламистички закон во таа земја, носеа плакати со натпис „Сите муслимани на светот се обединуваат“ и „Бојкотирајте ја Франција“.

Демонстрантите носеа и голема фотографија од Макрон со чевли околу вратот, пренесува АП.

Земјите со муслиманско мнозинство се бесни во врска со изјавите на Макрон минатата недела и неговото одбивање да го осуди објавувањето на карикатури на пророкот Мухамед.

Минатата недела Макрон го осуди убиството на Самуел Пати, наставник кој беше обезглавен во околината на Париз на 16 октомври, изјавувајќи дека тој бил убиен затоа што „предавал за слобода на изразување, слобода да се верува или да не се верува“

извор: Makfax