Светот е вознемирен од веста дека најмалку 64 луѓе, меѓу кои дури 41 дете, загинале во пожарот што се случи во неделата во трговскиот центар „Зимска вишна“ во рускиот град Кемерово. Оние кои успеале да побегнат, сведочат за ужасот што го преживеале во трговскиот центар, а има и такви кои се сериозно повредени и натаму се борат за живот.

Така, едно единаесетгодишно момче претрпело повеќе повреди за време на падот од зградата на трговскиот центар, поради што во моментов е во кома.

Сергеј со своите родители и сестрата бил во трговскиот центар кога избувнал пожарот. Како што пренесуваат британските медиуми, неговите родители, таткото Евгениј (35) и мајката Олесија (30), како и четиригодишната сестра Ксенија се водат за исчезнати, а се стравува дека можеби загинале. Двете баби на момчето се во контакт со болницата во која тоа се ноѓа и рекле дека во најлошиот случај, тие ќе ја преземат грижата за него.

Во пожарот што избувна во трговскиот центар во рускиот град Кемерово во неделата, загинаа најмалку 64 лица. Некои медиуми известуваат дека по гасењето на пожарот биле пронајдени 96 тела, но овие информации не се потврдени. Во пожарот настрадало и цело одделение на ученици од локално училиште, а децата од своите телефони праќале проштални пораки до најблиските кога сфатиле дека тешко ќе се спасат од огнот кој им се приближувал.

Инаку, сопственичката на трговскиот центар „Зимска вишна“ беше приведена за сослушување во врска со случајот, а во полиција задржан е и службеникот кој бил одговорен за противпожарна заштита.

извор: Makfax