Претприемачот од технолошката индустрија и милијардер, Илон Маск, тестираше детска подморница за која тврди дека може да послужи за спасување на момчињата заробени во поплавената пештера во Тајланд.

Маск и неговиот тим го тестираа овој изум во базен во средно училиште во Лос Анџелес, а тој снимките ги објави на Твитер, додавајќи дека „мини-подморницата“ веќе е испратена во Тајланд и ќе пристигне таму за околу 17 часа.

Операцијата за спасување на дванаесетте момчиња и нивниот фудбалски тренер започна вчера, а четири момчиња веќе се извлечени од пештерата. Сè уште не е познато кога операцијата ќе продолжи.

„Се надевам дека овој изум ќе помогне. Ако не сега, можеби во некоја идна ситуација“, заклучи Маск.

Како што може да се види на снимката, станува збор за подводна капсула, која нема сопствен погон, односно ја насочуваат двајца нуркачи. Се чини дека пловилото е премногу мало за возрасна личност, но е доволно големо за да собере дете во него.

извор: Makfax