Македонија има најголема смртност во светот на милион жители од Ковид во последните неколку недели, а кај власта изостанува одговорност, обвини Вело Марковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој смета дека Македонија со други кадровски решенија може многу поуспешно да се носи со целокупната состојба во здравството.

Според Марковски, државата нема модел за справување со КОВИД-19.

„Со лажно прикажување на позитивните како заболени се направи непроценлива штета на државата, во тек на летото поради ваквите привидни бројки бевме изолирани скоро од сите околни држави. Иако никогаш не се прогласи завршување на првиот бран, се дозволија голем број на јавни собири во тек на летото (концерти, свадби, прослави…) Во тоа време комисијата се опушти, не се испланира почетокот на школската година, не се одржа ниеден симпозиум или конференција за изедначување и доктринарни ставови за лекување на болни со Ковид-19. Не се изработија релевантни дијагностички протоколи“, смета Марковски.

Денес, додава тој, со околу 28.000 позитивни и 949 умрени се бара вина кај народот, кај политичките опоненти, кај стручни лица, кај сите освен кај себе. За жал, вели Марковски, и покрај највисоката смртност во светот ако се анализираат само последниве месеци по милион жители, изостанува одговорност, чувство на грижа на совест, но пред се изостанува анализа.

„Нема стручна комисија која ќе утврди дали и зошто имаме висока смртност“, вели Марковски.

Тој вели дека Комисијата морала да има во предвид и да и предложи на владата преку министерот за здравство набавка на барем 100.000 квалитетни вакцини за сезонски грип уште рано пред летото.

„Мораше да се предвиди дека поради зголемена набавка на вакцини за грип во светот ќе има недостиг на вакцини. Немање вакцина од било кои причини (незнаење, закаснување со набавки, преоптеретеност само со една болест) за сите здравствени работници и за најголемиот број на хронични болни е голем пропуст се несогледливи последици, и доволна причина сама по себе за оставка на министерот за здравство, по било која основа, дали по барање на премиерот, како личен морален чин, или по барање на јавноста. Останува да се надеваме дека оваа сезона нема да имаме грип“, кажа Марковски.

извор: Makfax