Лидерот на шведската националистичка партија во интервју за „Раша тудеј“, вели дека Хитлер бил добар човек, опкружен со лаги. Симон Линдберг ја поддржува политиката на Адолф Хитлер, а ги обвинува и е против Евреите. Неговата партија ќе се кандидира на следните општи избори во земјата.

Нордиското движење на отпорот вчера одржа митинг во Стокхолм, соочувајќи се со контра-демонстранти, кои ги осудија нивните членови како нео-нацисти. Движењето е регистрирано како политичка партија во Шведска уште во 2015 година и сега се подготвува за своите први општи избори, кои ќе се одржат за две недели.

Линдберг ја опиша крајната цел на движењето како обезбедување на постоењето на шведскиот народ.

“Ние сакаме да ја вратиме земјата од предавниците во парламентот”, изјави Линдберг за РТ, тврдејќи дека меѓу 20 и 30 отсто од жителите во Шведска не се Европејци.
Тој верува дека наскоро Швеѓаните ќе станат малцинство, а на крајот дури и може да престанат да постојат во својата земја.

“Веќе е предоцна за да се запре имиграцијата. Ние мора да ги вратиме назад мигрантите”, додаде тој.
Нордиското движење на отпорот е против ЕУ, геј-населението и имиграцијата, а собирот се одржа пред парламентарните избори во Шведска на 9 септември, на кои главна тема е имиграцијата.

извор: Makfax