Сараевските медиуми објавија снимка од крвав инцидент што се случил пред ноќен клуб кога маж нападнал девојка, а потоа добил ќотек од ММА борец.

Надзорната камера пред еден ноќен клуб во Сараево во неделата снимила една девојка како го напушта објектот, а по неа како излегува маж. Кога ја стигнал, тој ја повлекол за коса и почнал да ја тепа. По кусо време се гледа како излегува и сопственикот на клубот, Денис Стојниќ, кој е најпознат ММА борец во Босна и Херцеговина. Тој со брза реакција го оттргнал напаѓачот од девојката и со неколку удари го совладал.

Стојниќ рекол дека реагирал затоа што не можел да гледа насилство над девојка, а особено не пред својот објект, порачувајќи дека сака сите да се чувствуваат безбедно.

„Кога видов на една од камерите од видео надзорот дека огромен маж дури и физички поголем од мене удира женско лице со тупаница во глава веднаш истрчав и реагирав за да ја заштитам девојката од насилникот. Го совладав и на крајот ја испративме девојката до такси. Таа не сакаше да го пријави случајот во полиција. За жал во нашата земја насилството над жените е сè позастапено, а моја должност како човек, како граѓанин, па на крај како сопственик на објектот, е сите во мојот клуб да се чувствуваат сигурно, а особено жените затоа што тие се нечии деца, сестри, мајки и се послаб и понежен пол“, рекол Стојниќ за „Кликс.ба“.

извор: Makfax