Предлог-Буџетот за 2021 година подготвен од Владата предводена од СДСМ е во насока на уште посилна поддршка на здравствениот систем и засилена помош за домашната македонска економија, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Тоа се гледа и во расходната страна и распределбата на средства на буџетот по функционални области каде за Економски работи се обезбедени 70,2 милијарди денари; За здравство 40,8 милијарди денари; Заштита на животна средина 1,4 милијарди денари; Образование 28,6 милијарди денари; Социјална заштита 90,28 милијарда; Одбрана 9,92 милијарди денари и Јавен ред и мир 17,2 милијарди денари. Со предвидените 90,28 милијарди денари за социјална заштита и 70,2 милијарди денари за економски ставки, Владата предводена од СДСМ праќа јасна порака дека помошта за економијата, помошта за спас на работните места и поддршка на најранливите категории продолжува уште повеќе и уште подобро“, рече Костадинов.

Вака скроениот Буџет за 2021 година, додаде тој, е во насока да одговори и на здравствените и на економските предизвици од коронакризата, но истовремено нуди можности за брз рестарт на македонската економија.

„Стопанството, работниците, синдикатите, здравствените работници, но и сите граѓани, треба да бидат сигурни дека државата е тука за да им се најде, да им помогне во справување со последиците од кризата“, рече Костадинов.

Тој кажа дека спас на работните места, вложување во здравството, помош на погодените од коронакризата се приоритетните заложби во Предлог-Буџетот за 2021 година.

„Очекуваме низ отворена, конструктивна дебата во Собранието, тој да биде донесен за последиците од коронакризаната брзо да се надминат“, рече портпаролот на СДСМ.

извор: Makfax