Со измените на Законот за поддршка на исплата на плати, компаниите кои се потешко погодени од кризата, ќе добијат поголема финансиска поддршка, истакна пратеничката на СДСМ, Марија Георгиевска.

Предлог – законот се однесува на финансиска поддршка за работодавачите погодени од Кивид-19 кризата за исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година.

„Компаниите што имаат намален приход од 30% до 40%, ќе добијат финансиска поддршка до 14.500 денари по вработен додека кај оние компании со намален приход од над 80% износот на финансиска поддршката за исплата на плати ќе изнесува максимални 21.776 денари по вработен. Работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка, до 7-ми во месецот за претходниот месец, а како рефрентен период, во Законот се зема финансискиот резултат на фирмите од април до октомври, ноември и декември 2020 година и се споредува со истиот период лани. Во случај фирмата да е регистрирана по септември 2019 година, се зема датумот од запишување во Централен регистар“. појасни Георгиевска.

Компаниите што аплицираат за мерката не можат да исплатуваат дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда до денот на исплата на платата за декември 2020 година.

Оние компании што користат финансиска поддршка, бројот на вработени нема да смеат да го намалуваат два месеци по завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, освен во случај на пензионирање, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, спогодбено преземање на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски и слично.

За да се спречат какви било злоупотреби предвидени се и заштитни механизми, во случај работодавачот да исплати помала плата на работникот од сумата која му е доделена превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

извор: Makfax