Сондата „Инсајт“ успешно слета на планетата Марс.

Следна задача на „Инсајт“ ќе биде да ја истражи внатрешната структура на Марс, при што овој статички приземјувач ќе постави сеизмометри на површината, за да регистрира таканаречени марсотреси. Тие тресења треба да покажат како се наредени подземните карпи, со цел податоците да се споредат со оние од Земјата, за да се добие појасна слика за формирањето на планетите пред 4,6 милијарди години.

„Инсајт“ патуваше до Марс со брзина од 20.000 километри на час и се спушти на црвената планета под агол од 12 степени.

Драматични беа последните седум минути, кога сондата метар по метар, испраќаше информации за слетувањето. Во последните две минути, сондата ја намали брзината од 20.000 на 1.600 километри на час, кога модулот се загреа на 1.482 степени целзиусови, темепратура доволна да се растопи челик.

Во НАСА се слави по успешното слетување.

Кратко по успехот, американската вселенска агенција на „Твитер“ ја објави првата фотографија од сондата.

„Глетката пред Инсајт е рамниот, мазен простор наречен Елисиум Планитиа, но неговиот работен простор е под површината, каде што ќе проучува длабоко во внатрешноста на Марс“, напиша НАСА на Твитер.

извор: Makfax