Активистите за правата на жените и неколку илјади луѓе ги блокираа улиците во Полска за време на петтиот ден од протестот против речиси целосна забрана на абортус.

Во главниот град на Полска, Варшава, демонстрантите ги блокираа главните раскрсници, ги запреа автомобилите и трамваите еден час.

Многумина носеа транспаренти на кои пишуваше „Би сакала да ја абортирам власта“.

Протестите не се чести во Полска, каде што Католичката црква има големо влијание.

Демонстрациите започнаа пред пет дена, откако Уставниот суд пресуди дека абортусите се незаконски, дури и во случаи кога фетусот е оштетен.

Според новиот закон, абортусот е дозволен само во случаи на силување или инцест, или за да се заштити животот на мајката.

Блокадите се организирани во околу 50 градови низ целата земја.

Општеството во Полска е поделено по прашањето за абортус.

Истражувањето од 2014 година покажа дека 65% од Полјаците се против абортус, 27% го прифаќаат, додека 8% се неодлучни.

Сепак, во последните години, анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството е против заострување на законот за абортус.

Повеќе од 1.000 легални абортуси се вршат во Полска секоја година, но женските групи велат дека абортусите се вршат нелегално или во странство, и дека бројот е многу поголем – помеѓу 80.000 и 120.000.

Демонстрантите се собраа и пред полските амбасади во Лондон и Киев.

извор: Makfax