Во нашата земја многу генерации напорно работеа на остварувањето на оваа наша историска цел и достигнување. Нашите аспирации за членство во НАТО секогаш имале висок степен на одобрување и поддршка од најширокиот спектар на нашето општество. Така е и денес. Знаеме дека членството во НАТО отвора нова и сигурна безбедносна перспектива за наша земја, порача премиерот Заев на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на Алијансата.

„Целосно сме подготвени да ги прифатиме и новите обврски и одговорности кои произлегуваат од нашиот статус наскоро како полноправна членка. Како идна членка на НАТО, правиме сериозни чекори за зајакнување на капацитетите на нашата армија. Во 2018 година го зголемивме буџетот на нашите одбранбени сили за 14%, и остануваме посветени да ја оствариме нашата цел и најдоцна до 2024 година да обезбедиме 2% од нашиот БДП да оди за современи армиски сили кои во секој поглед ќе бидат рамноправни со своите сојузници во НАТО. Оваа наша цел ќе ни помогне да го зголемиме нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како и нашата партиципација во командните и политичките структури на алијансата. Тоа е приоритет за нас, кога стануваме полноправна членка на Алијансата“ истакна Заев.

Тој нагласи дека земјата е подготвена да продолжи да соработува со сите НАТО сојузници, за да го преземе делот од заедничките обврски и одговорности, како 30-тата земја-членка, за да обезбеди свој придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион.

„Убедени сме дека нашето членство во НАТО дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе биде инструмент за креирањето на нова, позитивна слика за регионот. Процесите што ги поминавме не беа лесни, но беа исклучително важни за иднината на нашата земја. Договорите склучени со нашите соседи Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост. Тие договори се темелите за идниот развој на силното партнерство што го започнавме и што биде од придонес за понатамошно зачувување и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност“ посочи Заев.

Подготвени сме да ги поддржиме сите земји од нашето соседство во исполнувањето на овие стратешки цели од интерес на граѓаните од регионот кои делат заеднички вредности: посветеност на демократијата, слободата, слободна пазарна економија, почитувањето на човековите права и владеењето на правото, порача македонскиот премиер.

извор: Makfax