Би било добро Законот за јавно обвинителство да се донесе пред распуштање на Собранието и на тој начин да и помогнеме на државата, изјави во одговор на новинарски прашања претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој истакна дека на државата и граѓаните им е потребно вакво законско решение, но неговото донесување ќе биде и дополнителен аргумент пред ЕУ, пред следното одлучување.

Заев ја поздрави јавната расправа и апелираше да се искористат претстојните денови за да се дојде до финално решение кое ќе се најде во Собранието.

„Сите да и помогнеме да државата, драго ми е што пратениците, министерката како организатор на јавната дебата, но и координаторите од сите политички партии покажаа дека имаат капацитет да организираат експертска расправа. Апелирам да го искористат и викендов за да ги оформат сите предлози и да ги структурираат во форма на амандмани, практични предлози кои ќе бидат вградени во законското решение и ако треба веќе во понеделник, Владата веднаш да го пушти како конечно решение во Парламентот за да може до крајот на работата на овој парламентарен состав да го усогласиме законот“, посочи Заев.

Осврнувајќи се на потребното мнозинство, претседателот Заев посочи дека стигнуваат позитивни сигнали од пратениците за важноста од донесување на Законот.

извор: Makfax