Премиерот Зоран Заев со владина делегација денеска одржа утринска брифинг средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во нашата држава.

На брифингот премиерот Заев во име на Владата ги презентирал стратешките приоритети во следниот четиригодишен мандат со посебен осврт на евроатланските интеграции на земјата.

„Овој мандат ќе биде посветен кон темелни реформи на целото општество. Свесни сме за предизвиците кои коронакризата ги носи, но сепак ќе останеме целосно фокусирани на реформите во правосудството, градење на нова трансформирана економија, заштита на животната средина и подобрување на животниот стандард на сите категории на граѓани во нашата земја“, изјавил Заев.

„Имаме план за отворање на 80% поглавја до 2024, да доизградиме силна преговарачка структура со учество на сите чинители, креирање на буџетски програми за преговори со ЕУ. Ја зајакнуваме кадровска екипираност и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка за капацитети за имплементација на ИПА 3“, додадл премиерот.

Тој на состанокот бил придружуван од Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Бујар Османи министер за надворешни работи, Бојан Маричиќ министер за правда и државните секретари Калина Габер од Секретаријатот за европски прашања и Зоран Попов од Министерството за надворешни работи.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар во име на Европската Унија ги пренел очекувањата за брзи и квалитетни реформи, но и посочил дека европските партнери на Северна Македонија остануваат доследно посветени на помош за земјата во пребродување на последиците кои настанаа од коронакризата и реформските зафати на новата Влада.

Амбасадорите пренеле и честитки од нивните влади, како и очекувања за понатамошна интензивна соработка како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

извор: Makfax